Економија ВМРО-ДПМНЕ: Стандардот на граѓаните е загрозен, економскиот развој стагнира

ВМРО-ДПМНЕ: Стандардот на граѓаните е загрозен, економскиот развој стагнира

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот, Владо Мисајловски и генералниот секретар, Игор Јанушев денеска се сретнале со претседателите на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. На состанокот, како што информираат од партијата, била разгледувана политичката состојба во државата, внатрепартиските состојби и активности, како и размена на мислења и сугестии за понатамошното делување.

Мицкоски посочил дека „стандардот на граѓаните е загрозен и дека владата демонстрира неспособност со справување на економските предизвици.“

„Нема никакви странски ниту поголеми домашни инвестиции, а економскиот развој целосно стагнира, што негативно се одразува врз економската моќ на граѓаните која е во надолен тренд“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

На состанокот било посочено дека „очекувањата на граѓаните се изневерени и дека постојат сериозни предизвици во повеќе сфери и области, вклучително и здравството, образованието, земјоделието.“

„Политичкиот прогон продолжува, а партискиот реваншизам по институциите станува основно средство за дејствување на власта“, со додава во соопштението.

Било истакното и дека „државата бележи застој и во реформските чекори врзани за евроатланските интеграции во клучните области: судството, борбата против корупцијата, медиумската сфера, економскиот сектор.“