Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Со Кембриџ-програмата сме лидери во регионот

ВМРО-ДПМНЕ: Со Кембриџ-програмата сме лидери во регионот

Реакција од ВМРО-ДПМНЕ

Од оваа година нови наставни програми и учебници добија учениците од прво до трето одделение, за што, многупати информиравме дека вложени се 148 милиони денари, или околу 2,4 милиони евра, а не 12 милиони евра, реагираат од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на СДСМ.

„Од 1 септември 2014 година, Република Македонија стана единствената земја во регионот којашто го воведува образовниот систем „Кембриџ“, во делот на основното образование. Тоа е најкрупната образовна реформа којашто се реализира во нашата земја од нејзиното осамостојување и претставува многу голема болка за членовите на СДСМ, кои впрочем и никогаш и ништо не понудија пред граѓаните за унапредување на состојбите во која било општествена сфера, а најмалку во образованието“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека пред воведувањето на програмата, направена е сеопфатна анализа и добра подготовка, дека наставните програми и учебници на „Кембриџ“ содржат нов концепт на изучување на математиката и на природните науки, поголемо научно истражување од страна на наставникот и на учениците. Со реализирањето на овие наставни програми, велат, ученикот се става во центарот на образовниот процес.

„Целосното заокружување на реформата во делот на основното образование е предвидено со почетокот на учебната 2016/2017 година, кога ќе бидат воведени наставните програми и учебници за учениците од 7 до 9 одделение. И ниту една прес-конференција на СДСМ нема да нè поколеба да истраеме во намерата“, додаваат од партијата.