Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Снимките се креирани, монтирани, сечени и менувани

ВМРО-ДПМНЕ: Снимките се креирани, монтирани, сечени и менувани

Зоран Заев и неговата врхушка во СДСМ денеска покажаа дека сакаат да ја држат целата држава во уцена со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани, кратени и менувани разговори по телефон без никаква автентичност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ не е ништо повеќе од прислужник на сценарио кое има цел да ја дестабилизира Македонија, да предизвика кавги и конфликти и помеѓу Македонците и помеѓу сите други граѓани на нашата држава. СДСМ има цел да го сруши угледот на државата, да ја преземе власта без поддршка од граѓаните, а на своите наредбодавци да им помогне да ја урне Македонија на коленици пред барањата и уцените на тие странски центри кои воопшто не ѝ мислат добро на Македонија. СДСМ денеска си одржа партиски митинг, си донесе луѓе со автобуси и ги верглаше истити работи и истите тези за кои зборуваат девет години и никогаш не добиваат поддршка од граѓаните. За СДСМ нема дно, ќе продолжат да тонат. Вечерва направија грда политичка лакрдија, а со тоа не разбраа дека, всушност, само си го покажаа своето лице. Со подли, извртени и болни воведи и коментари на некој чуден водител, сакаат да креираат лажни емоции. Мислат дека луѓето нема да ги разберат нивните извртени умови и болната желба за власт“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да дозволат Зоран Заев да си поигрува со иднината, со стабилноста, со економскиот развој и со перспективите на Македонија.