Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СЈО е димната завеса за покривање на неспособноста на Владата

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО е димната завеса за покривање на неспособноста на Владата

Специјалното јавно обвинителство е димната завеса за покривање на неспособноста на Владата и за штетните одлуки и договори за државата, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„СJO има задача да води цел еден политички процес со единствената намера – елиминација на ВМРО, заради слабеење на државата. СЈО ја има задачата секогаш кога ќе биде актуелен договорот со Бугарија со кој СДС прифаќа заедничка историја и менување на историските факти, тема да не биде тој договор туку самото СЈО, секогаш наместо за платформи, штетни продажби и криминални зделки, да се зборува за СЈО кое ја игра нарачаната улога“, стои во соопштението.

Од опозициската партија потсетуваат на дел од обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од четвртокот оваа недела, по објавувањето на обвиненијата од страна на СЈО, во кое се вели дека гревот на ВМРО-ДПМНЕ бил што 11 години партијата ги бранела „државните и националните интереси на Македонија“.

Инаку, денеска се очекува Кривичниот суд да ги објави одлуките по барањата на СЈО да им биде одредена мерка притвор на Груевски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и на уште неколку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и поранешни министри.