Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ со кривичните пријави сака да влијае на изборите

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ со кривичните пријави сака да влијае на изборите

На СДСМ му треба секаква помош за да го дефокусира вниманието од погубните политики и затоа поднесува кривични пријави против најуспешните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во реакцијата на опозициската партија по соопштението на МВР дека е поднесена кривична пријава против градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

„По поднесувањето на кривичните пријави против градоначалниците на Неготино, Велес, Кавадарци и на Прилеп, на мета е најуспешниот градоначалник на Штип, Илчо Захариев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата тврди дека нема ништо спорно во случајот за кој полицијата го товари Захариев за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека досега повеќе пати посочиле за „ставањето на полицијата во функција на локалните избори“.

„Ваквото делување на полицијата е надвор од секаква правна логика, со политички конструирани случаи. СДС се надева дека со заплашување ќе успее да ја изигра волјата на граѓаните и да го намалат изборниот пораз на Заев. Полицијата се претвори во циркус и претставува срам за целокупниот правен систем во Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.