Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Наумов се обидуваат да ја саботираат државата

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Наумов се обидуваат да ја саботираат државата

СДСМ и Кире Наумов продолжуваат со својот дилетантски однос кон државата и прават сè за да го спречат спроведувањето на Законот за буџет, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на дополнителниот заменик-министер Кире Наумов.

„Со ваквите обиди за скандализирање на една најредовна процедура за финансирање буџет во сите земји во светот, која е воведена токму од СДСМ, Наумов и СДСМ само си го дозаковуваат клинецот на сопствените политички гробови. Никој кој работи против народот, кој не сака тој народ да користи стотици милиони евра вредна нова опрема во здравството и го нарекува народот „стока“ и „стадо овци“, како што тоа го прави СДСМ, не може да очекува поддршка од народот, туку само казна. Затоа во паника и во очај, пред убедливо губење на изборите на 24 април, Наумов и СДСМ директно се обидуваат да ја саботираат државата и нејзиното нормално функционирање и да создадат проблеми кои ги нема“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека буџетот на Република Македонија се носи во Собранието со гласање од пратениците избрани од народот и дека со попречување на реализација на буџетот, Кире Наумов го крши Законот за буџет и за тоа ќе понесе одговорност.