Македонија Протест пред затворот во Шутка за ослободување на притворените за 27 април

Протест пред затворот во Шутка за ослободување на притворените за 27 април

ВМРО-ДПМНЕ попладнево одржа протест пред Истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари, барајќи да бидат ослободени притворените пратеници и други, против кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција почна истрага за тероризам поради насилствата во Собранието на 27 април.

– Се собравме и денеска да им дадеме поддршка и да ги охрабриме дека сме со нив и дека нема да ги оставиме сами и оти на крај вистината ќе победи и ќе ја видиме. Апелираме да се пуштат сите притворени лица, нема каде да бегаат, без нив не можеме да работиме во Парламентот. Да седнеме и заеднички да разговараме на маса, од сите политички партии – рече на протестот пратеникот од оваа партија Трајчо Димков.

Дафина Стојаноска порача дека како дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да престане овој политички прогон.

– Им порачуваме на оние кои што го смислиле ова да престанат да смислуваат црни листи за македонските патриоти. Упорно овој народ го втурнувате во конфликти, мислете на генерациите кои доаѓаат. ВМРО-ДПМНЕ докажувало и ќе докажува дека е за заедничка просперитетна и европска Македонија – рече Стојаноска.

На протестот присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.