Македонија ВМРО-НП: Прифатливи предлозите на Хан

ВМРО-НП: Прифатливи предлозите на Хан

ВМРО-Народна партија крајно сериозно ги разгледа и анализира предлозите што ги изнесе еврокомесарот за проширување и за добрососедство на ЕУ, Јоханес Хан, за излегување од длабоката политичка криза во Македонија, со лидерите на четирите најголеми политички партии, стои во соопштението од партијата.

„За ВМРО-Народна партија овие предлози се апсолутно прифатливи и се совпаѓаат со нашите повеќепати јасно искажани ставови во врска со овој тежок проблем и за тоа даваме целосна подршка. Од анализата на предлозите произлегува дека Хан нема намера да ги задоволи поединечните барања на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, туку ова се решенија за излез од кризата и за спас на Македонија. ВМРО-Народна партија  ја поздравува ваквата иницијатива на Хан, бидејќи во неа се демонстрираат искрени намери да се помогне на Македонија“, стои во соопштението.

ВМРО-Народна партија ги повикува лидерите на најголемите политички партии да го употребат личниот легитимитет шти произлегува од нивната позиција и сами да донесат одлуки што се во интерес на Македонија.

„При тоа, ги охрабруваме да не подлегнуваат на целосно паушални и штетни совети, кои произлегуваат од кариеристички побуди и од реваншизми на дел од нивните партиски и надворешни соработници. ВМРО-Народна партија во оваа пригода повторно бара измена во Изборниот законик, така што Македонија да биде една изборна единица без никаков квалификациски праг, за што има и согласност и од други политички партии. Ова е најбрз и најлегитимен пат за излез од кризата и за понатамошно целосно демократизирање на општеството, со парламент составен од многу повеќе политички партии, кои сами обезбедиле место во законодавниот дом и при тоа не го загубиле или споделиле својот партиски и програмски суверенитет, што гарантира независна и квалитетна политичка мисла“, стои во соопштението.