Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Прес-конференциите на Шилегов се сеење магла

ВМРО-ДПМНЕ: Прес-конференциите на Шилегов се сеење магла

Во случајот со „Сахара груп“ нема штета за државата, истакнува ВМРО-ДПМНЕ во денешната реакција на прес-конференцијата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

– СДСМ е партијата која не успеа за сите години владеење да донесе макар една инвестиција. Само да ги потсетиме Шилегов и СДСМ, Владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период успеа да привлече десетици големи странски инвестиции и компании. Во случајот со „Сахара груп“ нема штета за државата. Поставена беше банкарска гаранција чија цел е заштита на интересите на државата. Исто така, постапката во случајот со Џумајлија беше реализирана јавно и тоа со меѓународен повик. Оттука, сосема е јасно дека Владата постапи одговорно, а прес-конференциите на Шилегов се само сеење магла – реагираат од владејачката партија.

Од СДСМ, пак, на ова велат дека ако Груевски и Ставрески мислеле на граѓаните, немаше да ги направат огромните штети за земјоделците и за државата, туку ќе го прекинеле договорот со наводниот мултимилијардер, кој е поврзан со долгови во милијарди кон излажани свои сограѓани во Индија, поради што тамошниот врховен суд му го замрзна целиот имот.