Главна секција ВМРО-ДПМНЕ поднесе 22 приговори до ДИК

ВМРО-ДПМНЕ поднесе 22 приговори до ДИК

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, ТМРО и Алијанса за Албанците се единствените партии што досега имаат поднесено приговори до Државната изборна комисија за постапката за гласање, сумирање и за утврдување на резултатите, соопштија за „Мета“ од ДИК.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вкупно поднела 22 приговори, од кои дел се за постапката на гласање, а дел за сумирањето на гласовите. Засега не се открива колку од приговорите се однесуваат за самото гласање, а колку на пребројувањето, ниту пак за кои општини се однесуваат приговорите на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДИК соопштија дека партијата ТМРО, на Ванчо Шехтански, има поднесено два приговори, а Алијанса за Албанците на Зијадин Села поднела еден приговор.

Поднесувачите на кандидатските листи денеска до 19 часот, кога навршија 48 часа од завршувањето на гласањето, можеа да поднесат приговори за постапката на гласање, додека за рокот за жалбите за постапката за сумирање и за утврдување на резултатите, рокот истекува во 2 часот по полноќ.

Од ДИК соопштија дека утре, по истекувањето на последниот рок за поднесување приговори, ќе излезат со детални информации.