Македонија ВМРО-ДПМНЕ остана без советничката Ирена Попова во Советот на град Скопје

ВМРО-ДПМНЕ остана без советничката Ирена Попова во Советот на град Скопје

Фото: ВМРО-ДПМНЕ. Архивска фотографија

Советничката од ВМРО-ДПМНЕ Ирена Попова од денеска не е дел од советничката група на оваа партија во Советот на Град Скопје.

Попова од говорницата на градскиот совет кажа дека од денеска дејствува како независна. Ваквата нејзина изјава беше поздравена со аплауз од градоначалничката Данела Арсовска.

„Не се плашам и ќе продолжам да работам за она што го ветив на граѓаните во кампањата, а тоа е модерно Скопје. Вие ја блокирате работата на Градот, јас нема да бидам дел од тоа“, рече Попова, која што влезе во вербален конфликт со претседателот на Советот на град Скопје, Трајко Славески.

Инаку, ова е второ напуштање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата откако претходно советникот од ГРОМ Александар Трајановски се дистанцираше од нивната советничка група. Со најновото преминување, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат 16 советници во актуелниот совет.

Според локалните избори што се одржаа во октомври минатата година, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освои 18 советници, коалицијата околу СДСМ 12, 5 советници освои ДУИ, 4 советници Левица, а по два советника имаат коалицијата ЛДП-ДОМ, Зелен хуман град и коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива.