Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Нема да прифатиме промена на министри и на премиер

ВМРО-ДПМНЕ: Нема да прифатиме промена на министри и на премиер

Во досегашниот тек на преговорите, ВМРО-ДПМНЕ направи многу отстапки за компромис и нема простор за нови, особено во делот на организација на Владата, соопштија од партијата по седницата на Извршниот комитет одржана вчера.

Оттаму велат дека промена на министри и на премиер е нешто што ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати.

– Во досегашниот тек на преговорите, ВМРО-ДПМНЕ беше крајно конструктивна страна и направи многу отстапки во правец на наоѓање компромисно решение за политичката состојба. ВМРО-ДПМНЕ во понатамошните разговори нема простор за нови отстапки, особено не во делот на организација на Владата за подготовка на наредните избори. Второ, односот на СДСМ во преговорите беше неодговорен и со јасна желба тие да не успеат заради најмалку две цели. Првата цел на СДСМ е да нема избори во април 2016 година бидејќи се свесни дека ги очекува тежок пораз. Втората цел на СДСМ е политичката криза да предизвика економска криза, што СДСМ го гледа како свој партиски интерес и надеж за успех – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Политичката штета, се вели во реакцијата, од негативните извештаи од меѓународните организации, како и можното губење на препораката за почнување преговори со ЕУ е на листата на цели на СДСМ.

– За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо да учествува на преговори доколку и сè додека СДСМ, со илегално стекнати и монтирани материјали на прес-конференции ја манипулира јавноста – истакнуваат од партијата.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го поздравува напорот на претставниците на меѓународната заедница и, како што се посочува во соопштението, уште еднаш потврдува дека стои и е подготвена за имплементација на договорот од 2 јуни, но нагласува дека нема намера да продолжи со отстапки на нелогичните барања на СДСМ.