Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Наместо евтин популизам, потребни се итни мерки за загадувањето

ВМРО-ДПМНЕ: Наместо евтин популизам, потребни се итни мерки за загадувањето

„Македонија се задушува во сè позагадениот воздух, а владата на СДСМ сè уште нема излезено со мерки против загадувањето. Зарем треба луѓе да умираат за да излезат со конкретни мерки? Целокупната одговорност и сите институции што треба да реагираат се во рацете на СДСМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиумите.

„Потребни се мерки веднаш. Стоп за популизмот и за лажните ветувања. Во прашање е здравјето на илјадници граѓани. Наместо евтин популизам и декларативни заложби, потребно е итно дејствување. Пред сè Владата, но и Шилегов и другите градоначалници на СДС, наместо да парадираат, треба да си ги засукаат ракавите и да почнат да преземаат мерки за почист воздух. Граѓаните очекуваат резултати. Загадувањето неколкупати ги надминува дозволените граници. Параметрите покажуваат дека ПМ10-честичките во Скопје надминуваат 200 микрограми на еден кубен метар воздух, а најкритично е во Лисиче каде ПМ-честичките надминаа 350 микрограми на кубен метар. Еднакво како во Скопје, алармантно е и во Тетово, Битола и во Куманово“, се вели во партиското соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека поради загадениот воздух, нарушена е здравствената состојба на лицата со хронични заболувања, а болниците се полнат со граѓани што имаат зголемени респираторни проблеми.

„СДС во текот на изборната кампања на граѓаните им ветуваше подобрување на животната средина и почист воздух. Но, веднаш по изборите се покажа дека тоа беше уште една нивна лага и манипулација за собирање повеќе гласови“, додаваат од партијата.