Македонија ВМРО-ДПМНЕ: МВР ќе даде милион евра без тендер на фирма – донатор...

ВМРО-ДПМНЕ: МВР ќе даде милион евра без тендер на фирма – донатор на СДСМ

СДСМ прави класична злоупотреба на институциите во партиски цели, со набавката на возила за МВР вредна милион евра и направена без тендер од фирма – донатор на СДСМ, обвини Александар Нацев, на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека станува збор за класичен случај на враќање на парите на фирмата „Делукс“ од Куманово, што, како што рече Нацев, донирала за партиската кампања на владејачката партија.

– СДС преку државните институции почна да ги враќа парите на фирмите кои им донираа пари во партиската кампања. Најсрамно е што тоа не се пари на СДС или Зоран Заев, туку пари кои им припаѓаат на граѓаните,  кои се донација за МВР од чешката влада – изјави Нацев.

Тој рече дека покрај тоа што се склучува непосредна спогодба со фирмата, дополнителен доказ дека станува збор за злоупотреба е и тоа што МВР прави спецификација на набавка само за моделот „шкода октавија“. Според Нацев, проблем е и тоа што фирмата не е увозник, туку само дистрибутер на возилата.