Македонија ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијатива за референдум која претседателот на државата ја оцени...

ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијатива за референдум која претседателот на државата ја оцени како антиевропска

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ја поднесе иницијативата за Референдум во Државната изборна комисија за која претседатедателот на државата Стево Пендаровски рече дека е класичен антиевропски потег кој всушност бара од граѓаните да се изјаснат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ.

Иницијативата, како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, е базирана на референдумското прашање „Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија објавен во Сл. Весник на Република Македонија бр.12/2018 од 18.01.2018година?“.

Од најголемата опозициска партија оценуваат дека доколку референдумот се случи тогаш граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат со ЗА се подразбира дека на тој начин престанува да важи овој договор со Република Бугарија, или ПРОТИВ односно останува да важи овој договор со Република Бугарија.

Претседателот Пендаровски вчера во неговото обраќање по средба со членовите од Советот за безбедност рече дека е чудно зошто во референдумското прашање не се спомнува и Преспанскиот договор, бидејќи во европската преговарачка рамка со која почнавме преговори неодамна во истата реченица се наведени и Преспанскиот и Договорот со Бугарија.

Лидерот на опозицијата, пак, Христијан Мицкоски, побара паралелно со референдумот да се одржеле и парламентарни избори.