Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Изјавата на Стојчески за партиското седиште е паушална

ВМРО-ДПМНЕ: Изјавата на Стојчески за партиското седиште е паушална

Владејачката партија реагира на изјавата на инспекторот на Општина Центар, Кочо Стојчески, кој по денешниот инспекциски надзор изјави дека балконот од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е пуштен во употреба без дозвола.

Од партијата на власт тврдат дека целата изјава на Стојчески е паушална и законски неоснована, за, како што велат, замајување на јавноста и за прибирање ситни политички поени.

„Да потсетиме дека хаус-мајсторот Кочо Стојчески е најбогатиот хаус-мајстор во Македонија, вози „ауди А5“ од повеќе од 40.000 евра, сопственик е на градежна компанија која соработувала со Општина Центар. Ова е хаус-мајсторот кој најбргу напредувал во својата кариера поради блиски релации со партиските структури и со градоначалникот Андреј Жерновски, а, исто така, како награда за својата работа, добил семејна привилегија на неговата сопруга како член во УО на градинката „Кочо Рацин“. Ова е еден пример како може човек близок до градоначалник да напредува во својата кариера, дури и за десет скалила, а притоа единствена заслуга за напредокот да му е пријателството со градоначалникот“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со изградбата на идното партиско седиштето, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека целата постапка се водела крајно транспарентно, преку објави во весници и со информирање на јавноста во сите постапки. Притоа, тврдат, јавноста била благовремено известена и за привременото седиште на партијата.

Од владејачката партија истакнуваат дека врз основа на закон, Град Скопје има издадено решение и за настрешницата, а по претходно прашање на Општина Центар, од Градот имаат доставено соодветен одговор до нив со целосна фактографија.