Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Изјавата на дебарскиот градоначалник го поткопува темелот на државноста

ВМРО-ДПМНЕ: Изјавата на дебарскиот градоначалник го поткопува темелот на државноста

ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осудува изјавата на градоначалникот на Дебар, Ружди Лата, која го уништува духот на соживотот и длабоко го поткопува темелот на државноста и уставното уредување, порача на партиска прес-конференција денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Тој ја обвини СДСМ дека е главниот поттикнувач на големоалбанските тенденции.

– Ваквите националистички и ретроградни изјави, кои зачестија во последниот период, се предизвикани директно од антидржавното дејствување на криминалецот Зоран Заев, неговите антидржавни ветувања во Берн и од прифаќањето целосно да ја реализира тиранската платформа. Покрај Лата, вакви антидржавни изјави се изнаслушавме и од Зијадин Села, коалицискиот партнер на Заев, од кого зависи мнозинството на СДС во парламентот, Еди Рама,  Хашим Тачи, Дитмир Бушати и од Месила Дода и ниту една изјава не беше осудена од страна на СДС. Зоран Заев и СДС се главен поттикнувач на „големоалбанските“ апетити во Македонија и во регионот. Заев ги разбуди духовите на минатото и шовинистичките и иредентистички намери на одредени кругови во регионот – рече Данев.