Македонија ВМРО-ДПМНЕ ги повика Заев и Царовска на комисиската дебата за стратегијата за...

ВМРО-ДПМНЕ ги повика Заев и Царовска на комисиската дебата за стратегијата за бегалци

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа премиерот, Зоран Заев, и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, да присуствуваат на денешната јавна расправа за владината стратегија и акционен план за мигрантите, бегалците и за странците 2017-2027 година на седницата на Комисијата за труд и социјална политика.

„Ги покануваме Заев и Царовска да ја објаснат и  да ја образложат својата силна поддршка на стратегијата за мигранти, бегалци и за странци, како и да одговорат на голем број прашања што се важни за државата и за голем број општини“, стои во соопштението од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие наведуваат дека на минатата јавна расправа заменик-министерот за труд и социјална политика, Елми Азири, не одговорил на ниту едно поставено прашање, вклучувајќи го и тоа колку пари од буџетот на Република Македонија ќе се наменат за спроведување на стратегијата во следните 10 години, кои се проектите што ќе почнат да се реализираат оваа и следната година, како и кои ќе бидат општините во кои ќе се реализира трајното сместување на мигрантите, бегалците и на странците.

„Со најновата стратегија на Владата, Зоран Заев, Македонија од транзитна земја за мигрантите ја прави земја за трајно сместување и траен престој на голем број лица од голем број држави“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.