Македонија ВМРО-ДПМНЕ ги објави последните девет кандидати за градоначалници

ВМРО-ДПМНЕ ги објави последните девет кандидати за градоначалници

ВМРО-ДПМНЕ ги договорило и последните девет кандидати за градоначалници, соопшти денеска Христијан Мицкоски, генералниот секретар на партијата.

Во Центар нивниот адут е кошаркарот Дејан Јовановски, во Илинден и во Македонски Брод тоа се актуелните градоначалници, Жика Стојановски и Милосим Војнески, додека во Делчево и во Берово партијата оди со нови кандидати и не им даде доверба на сегашните градоначалници. Во Делчево за градоначалничкото место ќе се бори Иван Соколов, а во Берово – Никола Атанасов.

Во Могила партијата ќе настапи со Стевче Пивковски, во Лозово со Јордан Илиевски, а во Зелениково со Александар Манев.

Партијата ќе настапи со свои градоначалнички кандидати во општините Кичево и Теарце, па така во Кичево нејзин кандидат ќе биде Влатко Сајкоски, а во Теарце – Војо Гогоски.

– Овие кандидати како и досега промовираните се најквалитетните решенија, работливи луѓе, посветени на работата, докажани во браншата од која доаѓаат, кои уживеат голем углед и почит во средината на живеење. Граѓаните на 15 октомври не гласаат само за кандидати, туку и за концепт на работа, кој го гарантира ВМРО-ДПМНЕ и нејзините кадри, испреплетен со голема посветеност, работа и насоченост кон развој – рече Мицкоски.