Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Бранко Црвенковски нема морален кредибилитет да зборува за решенија

ВМРО-ДПМНЕ: Бранко Црвенковски нема морален кредибилитет да зборува за решенија

Лицето Бранко Црвенковски е мрачното лице на Македонија и единствено како такво претставува соодветно друштво на мрачниот лик Заев и на мрачните сценарија на СДСМ, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на писмото на Бранко Црвенковски.

„Лицето Бранко Црвенковски, кому очигледно му здодеаја прошетките по Флорида и седенките и севдалинките по локалите во Македонија, денеска се појави со писмо, очекувајќи целата јавност да се стресе и да се возбуди од неговиот проглас и да му заборави за сето зло што го има направено врз граѓаните и државата, дека ќе ги заборави мрачната и болна приватизација во која се раскрчмија повеќе од 460 фирми и земјоделски комбинати и беа избркани од работа 200.000 работници, шверцот со нафта, цигари и со бакар, неразјаснетите убиства и самоубиства, лажните ветувања за вработување по еден член од секое семејство, територијалната поделба при која тепаше граѓани што се спротивставија, сменетото име и знаме, сомнително доделените повеќе од 120.000 државјанства и илјадниците други негови лаги и манипулации.
Заедничко на Бранко Црвенковски и на Зоран Заев им е што се поборници на мрачни сценарија, на насилство, на тензии, на одработувања за туѓи интереси и затоа и двајцата немаат поддршка од народот.
Бранко Црвенковски нема никаков морален кредибилитет да зборува за решенија бидејќи тој 20 години е генератор на проблемите, а кога ќе реши малку да се одмори и да прошета, тогаш проблемите ги прават неговите клонови, чувари на столче и соработници, кои за 20 години кариера немаат ниту еден реализиран проект по кој народот ќе ги памети“, се вели во рекацијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека на Црвенковски му порачуваат дека ова не се 90-тите и дека нема да дозволат да го загрози развојот, реализацијата на повеќе од 2.000 проекти и отворањето нови фабрики и работни места.