Македонија ВМРО-ДПМНЕ: „Бомбата“ на СДСМ во Велес пукна пред 20 години

ВМРО-ДПМНЕ: „Бомбата“ на СДСМ во Велес пукна пред 20 години

„Бомбата на СДСМ во Велес, за жал, пукна пред дваесетина години кога поради погрешните политики на СДСМ се затворија речиси сите фабрики и претпријатија, а повеќе од 10.000 велешани останаа без работа“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конфереција на СДСМ, на која претседателот на велешкиот разгранок на партијата, Панче Иванов, објави снимки за три скандали во кои се инволвирани Никола Груевски и неговите соработници.

Од владејачката партија велат дека прес-конференциите на СДСМ на дело ја потврдуваат „целта поради која Заев го спроведува ова негово антидржавно сценарио, а тоа е дестабилизација и создавање криза во државата“.

„Последната низа настани и сè понагласеното отворање чувствителни теми, јасно ја дефинираат намерата на СДСМ да предизвика влошување на меѓучовечките и на етничките односи. Играњето на таа карта е многу опасно и за СДСМ, но најмногу за граѓаните и за Република Македонија. Тежината на овие теми СДСМ не ја препознава, иако постојано кокетира, со што покажува бесчуствителност и немање на одговорност за вака значајни прашања“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека СДСМ со монтирани и креирани материјали се обидува да ги убеди граѓаните „во нешто што реално не постои“.

„Вистината е дека креираните материјали на СДСМ немаат никакви аргументи, факти и не докажуваат ништо“, велат од владејачката партија.