Македонија ВМРО-ДПМНЕ бара судот да ги ослободи притворените за 27 април

ВМРО-ДПМНЕ бара судот да ги ослободи притворените за 27 април

Десетици неосновано притворени граѓани наместо со своите семејства новата година ја поминаа во ладни ќелии, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и реагираат на продолжениот притвор на осомничени за насилствата во Собранието од 27 април.

Од партијата велат дека притворените се „жртви на политички прогон, кои ја чувствуваат инквизицијата на 21 век на сопствена кожа“.

„Притворените граѓани се лишени од загарантираните човекови права, а постапката против нив е противзаконска и неоснована уште од самиот почеток. Непочитувањето на законите при нивното притворање, го потврди и Народниот правобранител. Факт кој остана премолчен од ОЈО и судот“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму бараат од судот да ги „согледа правните аргументи и фактичката состојба“ и да ги укине притворите.

„Судот како гарант на законитоста во постапката е должен да се издигне над притисокот. Судот има шанса да му стави крај на политичкиот прогон и да ја одбрани демократијата. Судиите треба да знаат дека ваква политичка конструкција ќе биде осудена од сите меѓународни фактори и Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП)“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.