Главна секција ВМРО-ДПМНЕ бара интерпелација и за Таравари кој бил „најлошиот министер за здравство“

ВМРО-ДПМНЕ бара интерпелација и за Таравари кој бил „најлошиот министер за здравство“

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека до Собранието поднела барање за интепелација и на министерот за здравство, Арбен Таравари, бидејќи според партијата тој е „најлошиот министер за здравство кој македонските граѓани го виделе“.

„Министерот Таравари е платен од граѓаните за да ги решава нивните проблеми и да придонесе за подобро здравство. Добро е Таравари да е повеќе на работа отколку на одмор за парите што ги зема. Добро е повеќе да сработи отколку да сурфа по интернет, но очајно е тоа што и по два и пол месеци нема никаков резултат од неговата работа. Случајот кој граѓани го обелоденија, а според кој девојче било испратено дома без да и биде дијагностицирано слепо црево, Таравари се расправа на „Фејсбук“ покажувајќи дека демонстрацијата на ароганција и суетата му се поважни од здравјето на граѓаните. Во Македонија веќе не смее да умираат луѓе поради хаосот кој го создава неспособниот Таравари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека за интерпелацијата треба да гласа секој пратеник без оглед на партиската определба, бидејќи здравјето на граѓаните е поважно од се.

Таравари е седмиот министер од владата на Зоран Заев за кого опозициската коалиција во изминатите десетина дена поднесе интерпелација. Претходно гласање на недоверба ВМРО-ДПМНЕ побара за министрите за труд и социјална политика и за земјоделство, Мила Царовска и Љупчо Николовски, за министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за министерите за финансии и за култура, Драган Тевдовски и Роберт Алаѓозовски, за министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.