Култура Власта се откажа од истражувањата во Хераклеја?

Власта се откажа од истражувањата во Хераклеја?

Дали Министерството за култура се откажа од истражувањата и од конзервацијата на античкиот локалитет Хераклеја Линкестис? Ова прашање отворено го наметнуваат археолози од Битола откако две години по ред, лани и годинава, не е одбрен ниту еден проект од министерството за продолжување на истражувањата или реконзервација на античкиот град кај Битола.

Според нив, нема реконзервација на старите објекти откриени пред три децении, што е уште полошо зашто голем дел од нив се распаѓаат, предупредуваат археолозите.

Енгин Насух, археолог во Завод и музеј Битола, вели дека во Хераклеја како локалитет од исклучително значење за македонското културно наследство потребна е константна работа, ако не во истражувањето, барем во конзервацијата и во заштитата на веќе откриените објекти.

– Не ми е јасно што се случува, зошто Хереклеја е ставена во заднина? Овој археолошки локалитет е единствен со изработен елаборат за ревалоризација – предупредува археологот Насух.

Тој наведува дека Херклеја не може да опстане без реконзервација на старите објекти, бидејќи добар дел од нив се во незавидна ситуација, а тоа што е почнато да се истражува и ископува, мора да се заврши.

– Дел од ѕидовите на епископијата, на театарот и на термата се во лоша состојба, мора да се заштитат. Исто така треба да се направи доистражување на почнатата базилика Е. Таа се промовираше во 2014 година и остана недоистражена и незаштитена – вели Насух.

Власта во 2008 година најави ситематско истражување на Хераклеја, проект кој траеше до 2013 година. Владата за истражување на четири археолошки пункта во државата, меѓу кои и Хераклеја, тогаш објави дека обезбедила финансиска конструкција од 20 милиони евра.