Македонија Власта и опозицијата се договорија за закон за отпишување камата за наплата...

Власта и опозицијата се договорија за закон за отпишување камата за наплата на долгови

Пратеничката Соња Мираковска од владејачкото мнозинство денеска на прес-конференција изрази задоволство што парламентарни партии постигнале консензус за предлагање и усвојување на закон за отпишување на камата за наплата на долгови.

Предлог-законот, како што истакна Мираковска, е од исклучително значење за граѓаните на Република Македонија.

– Законот за отпишување на камата за наплата на долгови, што го предложивме вчера, обезбедува отпис на затезната односно казнената камата, која се однесува на главниот долг и на трошоците на постапката за комунални дејности, електрична, топлинска енергија, вода и смет, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и трошоците на постапката од страна на должникот – рече пратеничката од НСДП.

Предложениот закон предвидува отпишување на каматата што се пресметува од поднесување на тужбата за присилна наплата на паричниот долг, до конечна исплата на паричното побарување.

Решението е поддржано и од опозицијата, а претходно денеска прес-конференција одржа и пратеникот Панчо Минов.