Економија Владата планира до 150 милиони евра задолжување на домашниот пазар

Владата планира до 150 милиони евра задолжување на домашниот пазар

Владата на вчерашната 112 седница го прифатила предлогот на Министерството за финансии за  задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2019 година до максимален износ од вкупно 9,225 милијарди денари (150 милиони евра).

Донесена е и одлука 2 јануари да биде неработен ден за вработените во јавната администрација, со препорака истото да биде прифатено и од страна на приватниот сектор.

Исто така, донесена e одлука дигиталниот банер за отчетност за трошењата на носителите на јавни функции да биде поставен на главната страница на веб-сајтовите на сите институции и органи, со образложение дека така ќе биде поголема видливоста.

Во врска со најавата од ЕУ за воведување конечни заштитни мерки за челични производи, што ќе ја погоди македонската челична индустрија, договорено е да се подготви барање за средба со Европската комисија. Усвоена била и Националната транспортна стратегија 2018 – 2030, како и Енергетскиот биланс за 2019 година.

На вчерашната седница, на Министерството за здравство му е одобрено да почне постапка за повеќегодишна набавка на мамографи во вредност од 85 милиони денари. Тие би се купувале во периодот од 2019 до 2021 година.