Македонија Владата одлучи професионалните возачи побрзо да добијат пасоши

Владата одлучи професионалните возачи побрзо да добијат пасоши

Како што рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, со одлуката се опфатени сите транспортери и превозници кои поседуваат валидни сертификати за професионални возачи

Фото: Влада на РСМ

Министерот за транспорт и врски денеска по владината седница се пофали дека владата донесе одлука за воспоставување на брза лента за издавање на патни документи за сите професионални возачи.

Како што рече Бочварски, со одлуката се опфатени сите транспортери и превозници кои поседуваат валидни сертификати за професионални возачи и на кои им се овозможува по приоритет да ги заменат патните документи, со цел континуирано извршување на работните обврски.

Тој додаде оти постапката за пријавување ќе се извршува преку здруженијата и асоцијациите на транспортери.

„Листите со професионални возачи ќе се достават до Министерството за транспорт и врски кое ќе ја проверува валидноста на сертификатите, а понатаму ќе се проследуваат до Министерството за внатрешни работи“, рече Бочварски.

Како што посочи тој домашната економија многу зависи од транспортниот сектор и затоа го отвориле ова прашање на седницата на владата по барањето на здруженијата на транспортери.

„Очекувам за десетина дена да биде завршена процедурата од започнување до издавање на патната исправа на возачите“ – изјави министерот Бочварски.