Македонија Владата на денешната седница ќе расправа за пругата Куманово – Бељаковце

Владата на денешната седница ќе расправа за пругата Куманово – Бељаковце

Владата на Република Македонија денеска во 9 часот ќе ја одржи 84 седница на која Македонски железници ќе информира за имплементацијата и состојбата на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII фаза 1 делница Куманово – Бељаковце“.

На денешната седница министрите во владата ќе ја разгледаат и Информацијата за потребата од склучување на Договор за грант меѓу Република Македонија и САД за развојната цел: „Република Македонија како просперитетно, самоодржливо и инклузивно демократско општество“.

На предлог на Министерство за надворешни работи точка на дневен ред ќе биде и информацијата за потпишување Договор меѓу Генералниот секретар на Обединетите нации и Владата на Република Македонија за обврска да се елиминира сексуалната експлоатација и злоупотреба.

Министерството за внатрешни работи ќе го претстави извештајот за извршените преговори со усогласен текст на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачки дозволи.

Министрите ќе ги разгледуваат и предлозите на Министерството за одбрана за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ“, во Република Либан, како и за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“, во Исламската Република Авганистан.

Владата ќе ги разгледа и информациите за задолжување на ЈСП, со државна гаранција кон меѓународна кредитна институција, за набавка на КПГ автобуси.