Економија Владата ја одобри концесијата за рудниците Злетово и Тораница

Владата ја одобри концесијата за рудниците Злетово и Тораница

Бугарската компанија „Минстрој“ ќе ги преземе рудниците Злетово и Тораница за годишна концесија од два милиони евра, одлучила Владата на вчерашната седница. Концесионерот доби рок од два месеци за рестартирање на рудниците, од чија работа живеат повеќе од 1.000 семејства од Пробиштип и од Крива Паланка. Ова го потврди претседателот на одборот на доверители, Тони Тоневски.

Одлуката на Владата е донесена во време кога тече жалбената постапка на електронското јавно наддавање за концесијата. Две од петте заинтересирани компании веќе поднеле жалба. Српската компанија „Маталафер“ и британската „Минеко“ бараат поништување на наддавањето поради тоа што незаконски биле елиминирани.

– Веруваме дека процесот на проверка на документацијата не е спроведен коректно според Законот за доделување концесии за ископување минерални суровини – рече претставникот на „Минеко“, Александар Билбилов, кој од Министерството за економија очекува и писмен извештај за текот на наддавањето.

Двете елиминирани компании посочија на сомнителна тендерска постапка, со што, како што изјавија нивните претставници, со наддавањето не е постигната највисоката сума и е оштетен државниот буџет. Бугарската фирма „Минстрој“ е присутна во македонската рударска индустрија преку инвестициите во рудниците Суводол, ’Ржаново и Фенимак.

В.К.