Македонија Владата и Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер потпишаа...

Владата и Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер потпишаа меморандум за партнерство

Мухамед Зекири Пламенка Бојчева фото: Влада

Меморандум за соработка, како дел од Стратегијата за транспарентност, денеска потпишаа генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири и директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева. Овој документ има за цел воспоставување партнерски однос меѓу двете институции за унапредување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Дополнително, обврските кои произлегуваат од овој Меморандум ќе придонесат за зголемување на одговорноста на институциите преку зајакнување на активната транспарентност на Владата.

Како што соопштија од Владата, на овој начин се гарантира доследно спроведување на Стратегијата за транспарентност (2019 – 2021). Со донесување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2019 година, рокот за одговор на барања за информации од јавен карактер се намали од 30 на 20 дена, со што РСМ се приклучи на европските земји.

„Владата во изминатите години посветено работи на зголемување на транспарентноста и отчетноста и од 2017 година до денес успешно ги спроведува овие заложби, со што се искачи на првото место по отвореност, во споредба со земјите од регионот. Овој пристап се пренесува и на локалната власт, со што ќе може соодветно да се влијае и на зголемување на транспарентноста и отчетноста и на локалната самоуправа“, соопштија од Владата.