Главна секција Влада: Времено се прекинува издавање на одобренија за градење и легализирање во...

Влада: Времено се прекинува издавање на одобренија за градење и легализирање во Охридскиот регион

На денешната 137. редовна седница, Владата го утврди предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, и донесе одлука тој да биде доставен на усвојување во Собранието.

„Во предлогот на законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион се имплементирани обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура, и се создаваат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион, како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржливиот развој“, информираат од Владата.

Согласно предлог-законот Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион ќе се донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

„До донесување на Планот времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување на бесправно изградени објекти и времено се прекинуваат постапките за изработување и донесување на урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации. Овие активности ќе продолжат по донесувањето на Планот за управување со природното и културното наследство“, се додава во соопштението.