Македонија Владата го промовираше порталот за отворени податоци data.gov.mk

Владата го промовираше порталот за отворени податоци data.gov.mk

Министерството за информатичко општество и администрација денеска го промовираше новиот портал за отворени податоци каде што во моментов има објавени 111 податочни сетови, од 42 институции.

Според министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски дел од податоците достапни на порталот се објавуваат за првпат, дел се и претходно објавени, но сега се достапни на едно место, систематизирани и во формат којшто е лесно разбирлив, но остава и простор за понатамошна анализа и дополнително користење.

– Она што сакаме да го постигнеме со отворањето на овој портал е да ја подобриме испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој овозможува и зголемување на учеството на граѓаните при креирањето на политиките, но и при анализа на резултатите од она што ние го правиме. Наша главна заложба како министерство е да ги донесеме услугите до граѓаните и тоа е многу полесно отколку физички нив да ги носиме до институциите. Ова е само еден од механизмите како може тоа да го направиме – вели Манчевски.

Сајтот, како што рече министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, треба да овозможи и поголема вклученост во градењето на политиките на државата, да помогне во борба против корупцијата, но и да обезбеди нови можности и за бизнис секторот …

Со достапност на податоците системот може подобро да функционира, вели амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, зборувајќи за британскиот пример.

– Порталот што го промовираме денеска би требало да го зголеми и олесни пристапот до информациите до граѓаните, а истовремено да ги вклучи и ангажира нив да придонесуваат во начинот на развојот на политиките – рече амбасадорката.