Македонија Владата ги утврди законите за ОТА, за следење на комуникациите и за...

Владата ги утврди законите за ОТА, за следење на комуникациите и за контрола на полицијата

Владата на денешната 45. седница усвои повеќе предлог-закони за измени и дополнувања на повеќе законски решенија кои се однесуваат на дел од легислативата во правосудството, внатрешните работи и полицијата, како и на регулативата за работата на безбедносните служби, како дел од итните реформи опфатени со планот 3-6-9, соопшти владината прес-служба.

На денешната седница владата го утврдила предлог – законот за Оперативно-техничка агенција (ОТА) и ќе го достави до Собранието. Новоформираната агенција ќе го активира сигналот и „ќе им овозможува на органите овластени за следење на комуникациите (УБК, Министерството за одбрана, МВР, Јавното обвинителство, Царинската управа, Агенцијата за разузнавање) пристап до податоците од комуникациско-информациските системи на операторите“.

Владата ги утврди и предлог – закон за изменување и дополнувања на Законот за електронските комуникации и предлог – законот за дополнување на Законот за класифицирани информации. Со новиот закон за следење на комуникациите, покрај функционирањето на ОТА, треба да обезбеди поголема контрола и надзор над работата на безбедносните службите и системот за следење на комуникациите

На денешната седница беа утврдени предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство и предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за судовите. Измените во Законот за јавно обвинителство предвидуваат формирање посебно Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Овие предмети ќе ги води новоформираното специјализирано судско одделение при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција. Специјализираното судско одделение ќе има надлежност за целата територија на Република Македонија.

Владата го усвои нацрт – законот за дополнување на Законот за извршување на санкциите, како и предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка со кој треба да се надминат на постојните недостатоци во областа на посебните истражни мерки, кои беа лоцирани во извештаите на меѓународните организации, а посебно беа обработени во двата извештаи на експертската група на Прибе.

На денешната седница е утврден и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, како и нацрт-закон за изменување на Законот за полиција, со кои се дополнуваат веќе предвидените механизми за надворешна контрола врз работата на полицијата.