Македонија Владата ги усвои уставните амандмани и повика на совесност од сите пратеници

Владата ги усвои уставните амандмани и повика на совесност од сите пратеници

Граѓаните заслужуваат да бидат европски граѓани, да имаат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, тврдат од Владата и додаваат дека очекуваат конструктивност од сите пратеници, совесност и фокус кон постигнување натпартиски консензус

Фото: Принтскрин, предлог за пристапување кон измена на Уставот

Владата на денешната седница го разгледа и усвои текстот на Предлогот за пристапување кон измена со насоки за измена и дополнување на Уставот и одлучи документот да биде доставен до Собранието.

„Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го подготви работната група составена од експерти, еминентни професори од неколку универзитети во државата како и претставници на политички партии, и тоа со едногласна поддршка на содржината на текстот, по што точката е ставена на дневен ред на денешната владина седница на предлог на Министерството за правда“, информираат од Владата.

Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава.

Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: „бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ“.

Од Владата велат дека со предложените Уставни измени, се зајакнува мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија.

„Нашата држава е успешен пример за функционална, мултиетничка демократија во регионот и во Европа и пример за почитување граѓански и човекови права, поради што на земјата со право се гледа како на Европа во мало. Покажавме на регионот, на Европа и на светот дека соживотот на различните заедници во државава, векови низ историјата и денес и меѓусебното почитување на различните традиции и култури се богатство и предност“, велат од Владата.

Предлогот е изработен врз основа на Заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија донесени на седницата одржана на 16 јули 2022 година, а врзани со Заклучоците на Советот на Европската Унија и заедничкиот став и воведната изјава на ЕУ на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

Владата оценува дека пред граѓаните и државата е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година.

„Граѓаните заслужуваат да бидат европски граѓани, да имаат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја“, тврдат од Владата и додаваат дека очекуваат конструктивност од сите политички субјекти претставени преку пратениците во Парламентот, совесност од сите пратеници и фокус кон постигнување натпартиски консензус при усвојувањето на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија.