Македонија Владата ги усвои стратегијата за реформи во правосудството и нацрт-законот за амнестија

Владата ги усвои стратегијата за реформи во правосудството и нацрт-законот за амнестија

Владата на денешната седница ја усвои информацијата за подготовка на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022) со акциски план.

„Со оваа предлог-стратегија се даваат насоки, правци за подобрување на целокупниот правосуден сектор преку надминување на постојните недостатоци, како од нормативен така и од институционален карактер. Стратегијата е проследена со акциски план кој содржи активности, мерки и рокови со чие спроведување се очекува да се достигне крајната цел на стратегијата – враќање на довербата во институциите преку обезбедување правна сигурност и пристап до непристрасна и квалитетна правда за граѓаните“, стои во соопштението.

Нацрт-стратегијата пред да биде доставена во владина процедура за нејзино усвојување, беше трипати доставена на мислење до Европската комисија.

Премиерот и министрите, исто така, го усвоија предлог-законот за амнестија и го задолжија Министерството за правда да го преработи текстот на предлог-законот за амнестија, кој ќе се носи во редовна постапка и ќе се однесува за кривични дела предвидени со одредбите од овој предлог-закон сторени до 20 септември 2017 година.

„Владата ја истакна потребата од организирање јавна расправа и отворена дебата на оваа тема и го задолжи Министерството за правда да ги организира по текстот на одредбите од предлог – законот, а пред владата да достави нов пречистен и усогласен текст на предлог-законот за амнестија, откако ќе измине периодот на консултации и откако ќе завршат јавните расправи и отворени дебати“, велат од владината прес-служба.