Македонија Владата ги прекинува средбите со средношколците, договор нема, бојкотот продолжува

Владата ги прекинува средбите со средношколците, договор нема, бојкотот продолжува

„Средношколски пленум“ и Владата не постигнаа договор и по третата средба. Од Владата велат дека се подготвени да го вратат стариот концепт на матура и математиката да не биде задолжителен предмет, но отстапки за екстерното не сакаат да направат. Средношколците велат дека не се согласуваат со ваков исход и дека нема да откажат од своите барања.

– Владата и Минстерството за образование донесоа свој конечен став во однос на начинот на кој ќе се полага матурскиот испит оваа година. Во согласност со разговорите со разни заинтересирани страни, дел со учениците, со професори и со експерти, одлучивме оваа година матурскиот испит да се полага по стариот концепт, односно математиката да не биде задолжителна и да не постои електронско тестирање. Во однос на екстерното оценување, ставот е дека тоа ќе продолжи во согласност со постојниот концепт, односно тука ќе нема измени оваа година, но бидејќи постојат можности за негово унапредување, ќе бидат формирани нови работни групи, кои, исто така, ќе работат на унапредување на концептот за годините што следат. Би ја искористил можноста да упатам апел до учениците, наставниците, директорите и до родителите од понеделник децата да се вратат на настава бидејќи многу време е изгубено и треба да се надомести многу материјал, а тоа е во најдобар интерес на самите ученици – вели вицепремиерот Владимир Пешевски.

Тој рече средби повеќе нема да има, а дека официјални преговори со „Средношколскиот пленум“ не може да се каже дека имало, бидејќи, како што рече, се поставува прашањето на репрезентативност.

– Оние групи со кои бевме во контакт, вклучително и групата што протестира пред МОН, беа сослушани во нивните барања и сето тоа е во склоп на она што го заземаме како конечен став. Бидејќи временските услови се ограничени, не постои веќе простор за понатамошни разговори бидејќи не може да се стигне со подготовките на матурскиот испит за оваа година – додаде Пешевски.

Средношколците велат дека се подготвени да дојдат до решение, но во однос на екстерното не можат да постигнат никаков компромис со надлежните. За идните чекори, велат дека ќе разговараат на генерален пленум. Во меѓувреме, бојкотот на наставата и кампувањето пред МОН продолжуваат.

– Никаков договор не е постигнат. Понудивме неколку решенија, меѓутоа решенијата на проблемите не беа прифатени од надлежните. Сметаме дека доколку има волја, проблемот ќе биде решен и дека во овој момент никој не ни покажува желба и волја за тоа. Ние не се откажуваме и понатаму ќе работиме и ќе имаме активности со кои ќе покажеме дека сме засегнати од ова и нема да отстапиме од нашите две барања за кои се надеваме дека во најкус можен рок ќе бидат исполнети – вели ученичката Александра Филипова, која беше присутна на состанокот.