Економија Владата донесе ребаланс на буџетот и ќе се задолжува преку еврообврзница

Владата донесе ребаланс на буџетот и ќе се задолжува преку еврообврзница

Фото: архива на Мета.мк

Владата на 52. седница, ја донесе Уредбата со законска сила за изменување и дополнување, односно за ребаланс на буџетот за 2020 година. На седницата била усвоена и Одлуката за максимален износ на ново задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал – еврообврзници.

„Предложениот максимален износ на новото задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал – еврообврзница во износ до 800 милиони евра ќе обезбеди финансиски средства за буџетска поддршка во 2020 и 2021 година и за рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на отплата на државниот долг. Имајќи ги предвид сите предизвици кои произлегоа по прогласената пандемија на Ковид-19 на светско ниво од страна на Светската здравствена организација, мерките за заштита и рестрикција на движење кои ги преземаат државите, а особено нејзиното влијание на пазарите на капитал, Министерството за финансии предложи, а Владата прифати, финансирањето со издавање на еврообврзници, кои ќе ја поддржат ликвидноста на државата во време на пандемија, намалената економска активност, преземените мерки за заштита на економијата и работните места на граѓаните, како и зголемените трошоци во секторот здравство,“ информираат од Влада.