Економија Викерс: Северна Македонија е најголем трговски партнер на ОК во Западниот Балкан

Викерс: Северна Македонија е најголем трговски партнер на ОК во Западниот Балкан

Мартин Викерс, трговски претставник на премиерот на Обединетото Кралство за Западен Балкан во Северна Македонија. Фото: Министерство за транспорт и врски на РСМ, 16 февруари 2022

Трговските односи и обемот меѓу Обединетото Кралство (ОК) и Северна Македонија се меѓу најдобрите во Западен Балкан. Северна Македонија е наш најголем трговски партнер и ние сме заинтересирани да ги зајакнеме овие врски и да продолжиме да работиме со Владата на Северна Македонија за подобрување на деловната клима, во видеопорака рече Мартин Викерс, трговски претставник на премиерот на ОК за Западен Балкан.

Викерс при тродневната посета на земјава се сретна со вицепремиерот Фатмир Битиќи, министрите Бујар Османи, Фатмир Бесими, Благој Бочварски и замениците министри Христина Оџаклиеска и Зоран Маневски и ги посети најголемите британски бизниси во земјата, Џонсон Мети и рудникот САСА.

„Континуирано се трудиме да го надградиме Договорот за партнерство, трговија и соработка и дополнително да ги развиваме економските односи помеѓу нашите две земји. Ја охрабруваме трговијата преку промовирање на можности за извоз, индустриска способност и експертиза. Привлекуваме и поддржуваме инвестиции од двете страни, како и преку екосистемот за директни странски инвестиции на Обединетото Кралство. Работиме на намалување на бариерите за извозниците и инвеститорите преку процедурална помош и поддршка. Британските инвестиции во Северна Македонија се меѓу најзначајните и најуспешните деловни потфати во земјата, кои го предводат патот преку економските резултати, доброто владеење и корпоративната и општествената одговорност“, нагласи трговскиот претставник за Западен Балкан на британскиот премиер.

Викерс посебно се фокусира на трансформацијата на енергетскиот сегмент кон позелени технологии, за што, како што рече, земјава може да очекува поддршка и споделување експертиза од ОК.

„Проектите за обновливи извори на енергија, инфраструктура, животна средина и управување со отпад, како и алтернативни и зелени финансии – се само неколку од секторите од кои што ние би можеле да имаме корист како резултат на проширувањето на нашите партнерства, и во кои што Обединетото Кралство има значително искуство и лидерски способности во светот. Обединетото Кралство ја поддржува Северна Македонија во диверзификацијата на снабдувањето со енергија. Преку Фондот за добро владеење на Обединетото Кралство, ја поддржавме Владата во развојот на енергетска стратегија која и овозможи на Северна Македонија да дојде до #COP26 со амбициозни национално определени придонеси“, порача Викерс, појаснувајќи дека останува определбата за градење уште посилни трговски врски меѓу двете земји.