Во продолжение на акцијата „Ќелија“, полицијата ноќеска упаси четири лица за кои постојат основани сомнежи дека биле дел од терористичката огранизација Исламска држава.
– Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против С.Р. (26), Б.С. (32), Б.Г. (23), Е.У. (36), Ф.И. (31), сите од Скопје, М.М. (38) од Тетово и С.И. (27) од Куманово. Кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело учество во терористичка организација, односно припадник или тој што помага на кој било начин по член 394-а, став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија – информираше денеска на прес-конференција Дејана Недељковиќ од министерството за внатрешни работи.
Таа додаде дека по спроведените претреси на дом и на други простории, по наредба од Основен суд Скопје 1, на седум локации од кои шест во Скопје и една во Тетово, пронајдени и обезбедени се четири лица Б.Г., Ф.И., Е.У. и М.М., додека за две лица постојат оперативни сознанија дека сè уште се наоѓаат на територија на Сирија, а едно лице Б.С. е во бегство и сè уште е недостапно за органите на прогонот.
– При претресите кои беа извршени од вчера вечерта до изутринава беа пронајдени и со потврда одземени
следните предмети: пет десктоп-компјутери, два лаптоп-компјутери, 19 мобилни телефони, девет СИМ-картички, држач за СИМ-картички, девет УСБ-стикови, 50 цедиња, мемориски картички, заштитна маска, три патни исправи, маица со натпис на арапски јазик „Исламска држава е вечна“ и други документи кои ќе бидат предмет на дополнително вештачење – рече Недељковиќ.
Од страна на Јавното обвинителство за четирите лица кои беа обезбедени доставен е предлог за определување притвор во траење од 30 дена.
Акцијата „Ќелија“ беше спроведена во август минатата година, кога беа уапсени девет лица поврзани со регрутација и со логистика за странски терористички организации, а подоцна беа пронајдени уште двајца осомничени. Сите единаесетмина ја признаа вината и добија затворски казни.