Видео (ВИДЕО+ФОТОГРАФИИ) Тетово бара воздух!

(ВИДЕО+ФОТОГРАФИИ) Тетово бара воздух!

Го бараме воздухот кој е загаден заради алчност на некои поединци, кои создаваат милиони труејќи не нас

Жени, мажи и деца денеска во Тетово се собраа да го изразат својот револт против загадувањето на воздухот во и околу градот, пренесе порталот на албански јазик „Портлаб“. Два дена по ред, Тетово е најзагадениот град во Македонија. За оваа состојба, како што велат граѓаните, најголем виновник е „Југохром“, фабрика која работи без филтри. Тие реагираат зошто Владата одлучи да го продолжи рокот за добивање  еколошка дозвола и тврдат дека оваа одлука е алармантна и штетна за повеќе од 300.000 жители во Полошко.

– Се собравме денеска на овој плоштад за да бараме нешто што во другите земји би било апсурд да се бара, а тое е чист воздух. Она што го има создадено господ за сите негови суштества, она без кое ние не можеме. Го бараме воздухот кој е загаден заради алчност на некои поединци, кои создаваат милиони труејќи нè нас. Ние не смееме да дозволиме ова да ни се случува – изјави Аријанит Џафери, претседател на движењето „Еко герила“ кој го организираше денешниот протест.

Граѓаните велат дека воздухот во Тетово е загаден и од многу други фактори и затоа одговорноста не лежи само кај Владата туку и кај локалната самоуправа, која не презема ништо за намалување на аерозагадувањето.

– Воздухот во Тетово не е само загаден од индустриските капацитети, туку и од зголемениот собраќај, урбаниот хаос, кој не дозволува да циркулира воздухот во Тетово и истиот слободно да се проветрува. Досега властите требаше да преземат нешто или да го редуцираат сообраќајот или, пак, да го контролираат градењето во градот – вели Мериат Максути, учесник на протестот.