Главна секција Верификувани мандатите на пратениците, Африм Гаши нов претседател на Собранието

Верификувани мандатите на пратениците, Африм Гаши нов претседател на Собранието

Пратениците од Левица гласаа против изборот на Гаши, додека пратениците од Европскиот фронт предводен од ДУИ не беа присутни во салата

Фото: Принтскрин, собраниски канал

Африм Гаши од коалицијата „ВЛЕН“ со 76 гласови „за“ беше избран за нов претседател на македонското Собрание. Пратениците од Левица гласаа против изборот на Гаши, додека пратениците од Европскиот фронт предводен од ДУИ не беа присутни во салата.

Фото: Принтскрин, собраниски канал

Гаши даде свечена заклетва, која прво ја прочита на албански, а потоа на македонски јазик.

Во своето прво обраќање по преземањето на функцијата, Гаши им се заблагодари на народните избраници за довербата и порача дека ќе го гарантира правото на личен став и говор како кај пратениците од власта, така и кај оние од опозицијата.

Лидерот на Демократското движење Изет Меџити, како дел од коалицијата ВЛЕН“ и предлагач на кандидатот за претседател на новиот праламентарен состав, рече дека Гаши е пратеник осум години и дека станува збор за политичар за кој нема никаква дамка и кој не се споменува во коруптивни случаи.

Собранието претходно ги верификуваше мандатите на 118 пратеници, а Европскиот фронт не гласаше ниту за дневниот ред на седницата, ниту за верификацијата на пратеничките мандати.

Мандатите на уште двајца пратеници ќе бидат дополнително верифицирани, поради прегласувањето на седум избирачки места.

Со верификацијата на мандатите, на новите пратеници кои се носители на други функции им престана функцијата. Министрите на СДСМ кои се избрани за пратеници ќе ги напуштат министерските ресори, со оглед на тоа што Уставот и Изборниот законик функцијата пратеник е неспоива со друга функција. Станува збор за министрите Фатмир Битиќи, Илир Демири, Љупчо Николовски, Славјанка Петровска и Бисера Костадинова-Стојчевска и на техничкиот премиер Талат Џафери. Нивните функции до изборот на нова влада ќе ги вршат замениците министри.

Со изборот на Гаши, отворен е патот претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова да му го додели мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за формирање на новата влада.

Во меѓувреме, привршуваат преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, „ВЛЕН“ и Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски за новиот владин состав. За имињата на новите министри сè уште се шпекулира.