Спорт Вердаско го исфрли Надал во третото коло од турнирот во Мајами

Вердаско го исфрли Надал во третото коло од турнирот во Мајами

Шпанскиот тенисер Фернандо Вердаско го совлада сонародникот Рафаел Надал со 6-4, 2-6, 6-3 во третото коло од АТП-турнирот во Мајами.

Тоа е втора по ред победа на Вердаско над третиот тенисер во светот откако Надал излезе како победник во претходните 13 меѓусебни двобои. Вердаско беше подобар во Мадрид во 2012 година.

– Ова е огромна победа. Секогаш е добро да се победи пред полн стадион, на голем турнир и да се совлада еден од најдобрите играчи во историјата – изјави 31-годишниот Шпанец.

Поразот значи дека Надал и во 11. обид остана без титула во Мајами, што не му се случило на ниту еден друг турнир на кој играл.

– Во повеќето мечеви успевам да ги контролирам емоциите, но денеска беше тешко. Бев премногу нервозен во важни моменти. Ќе го средам тоа. Не знам дали тоа ќе биде веднаш или за шест месеци, но ќе успеам – рече Надал по поразот.