Главна секција Венко Филипче си поднесе оставка од функцијата министер за здравство

Венко Филипче си поднесе оставка од функцијата министер за здравство

Фото: Влада на РСМ

Министерот за здравство Венко Филипче понудил пишана оставка до премиерот Зоран Заев поради катастрофалниот пожар во ковид-болницата во Тетово, во кој загинаа 14 лица. Тој ова го соопшти пред малку во своето обраќање од Владата. Освен Филипче, и заменик-министерот за здравство Илир Хасани поднесе оставка од функцијата.  Исто така оставка поднесоа и двајцата директори на болницата во Тетово Флорин Бесими и Артан Етеми.

„Пред година и пол го регистриравме првиот ковид случај во државата, тој ден го паметам, имавме две прес-конференции. Оттогаш до денес стоев отворено пред граѓаните. Никогаш не бегав од критика, не останав должен одговор, не се откажав од битката да ја победиме пандемијата“, рече Филипче.

„Последната трагедија многу ме погоди, жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства и нема зборови со кои може да се опише загубата. Како лекар и министер имам интегритет, затоа денес понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“, додаде министерот.

Тој им се заблагодари на сите за поддршката, а посебно на претставниците на медиумите за нивната транспарентност и за поддршката.