Хроника Велосипедист од Штип почина од удар на автомобил

Велосипедист од Штип почина од удар на автомобил

Алкохолизиран возач синоќа на крстосница во Штип удрил во велосипедист, кој од силниот удар починал на самото место. Несреќата, според полицијата, се случила во 21.40 часот, кога возачот Г.Д. (37) со возилото марка „алфа ромео“ удрил во Богдан Д. (59).

Кај возачот било утврдено присуство на алкохол од 1,23 промили, а неговиот сопатник имал 1,87 промили алкохол во крвта.

Сведоци на настанот потресено раскажуваат дека во моментот на несреќата било доста фреквентно на главната сообраќајница, која од Штип води кон општината Карбинци, каде синоќа на прославата на 20-годишнината од основањето пееше српска турбофолк-ѕвезда Аца Лукас.

Несреќниот човек лежел на коловозот во исчекување на екипата на итната помош и на полицијата кои наскоро пристигнале.

– Велосипедистот починал на местото на несреќата, а смртта е констатирана од лекар од итната медицинска помош – информира началникот на отсекот за превенција при СВР Штип, Ангелче Стојановски.

Обвинител кој извршил увид на местото на несреќата, наредил обдукција на телото на починатиот Богдан Д.