Подглавна секција Велика Британија ја обвини Русија дека планира минирање на бродови со украинско...

Велика Британија ја обвини Русија дека планира минирање на бродови со украинско жито

Русија потоа ќе се обиде да ја обвини Украина за загубата во обид да ја избегне одговорноста, рекоа од британското Министерство за надворешни работи

U.S. Embassy Kyiv Ukraine, Public domain, via Wikimedia Commons

Велика Британија ја обвини Русија дека планира саботажа на цивилни танкери натоварени со украинско жито, со поставување на морски мини на приодите до црноморските пристаништа во земјата, јавува „Гардијан“.

Обединетото Кралство врз основа на, како што беше истакнато, декласифицирани разузнавачки информации, рече дека Русија не сака директно со проектили да ги нападне трговските бродови користејќи го новосоздадениот хуманитарен коридор на Украина, туку се обидува тајно да ги уништи.

„Русија потоа ќе се обиде да ја обвини Украина за загубата во обид да ја избегне одговорноста“, рекоа од британското Министерство за надворешни работи, додавајќи оти ја изнеле оваа информација во јавноста за да ја одвратат Москва од спроведување на планот.

Во меѓувреме, повикувајќи се на информации од рускиот весникот „Известија“, Ројтерс пренесе дека Русија потпишала договор за постојана поморска база на брегот на Црното Море во отцепениот грузиски регион Абхазија.

Руската Црноморска флота, со седиште во Севастопол на полуостровот Крим кој Москва го анектираше од Украина во 2014 година, постојано беше цел на украинските сили од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Инаку, Би-би-си пренесува дека САД во Украина испратиле околу 1,1 милион куршуми запленети од Иран минатата година. Оружјето било конфискувано од брод упатен кон Јемен во декември.

Американската влада стекна сопственост врз оружјето во јули годинава, преку процес познат како граѓанско одземање, со кој може да се заплени имот ако се смета дека неговиот сопственик е вклучен во криминални активности.

Западните сојузници на Украина неодамна предупредија дека нивното производство се мачи да ја следи стапката со која Украина користи муниција.