Македонија Вељаноски повика на единство и на обединување како на Илинден

Вељаноски повика на единство и на обединување како на Илинден

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, денеска пред споменикот на претседателот на првиот президиум на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, во Скопје, повика на единство и на обединување и порача дека за Македонија останува приоритет членството во НАТО и во ЕУ и вложувањето за развој на државата.

– Како прв меѓу еднаквите пратеници, уште еднаш повикувам на обединување на сите политички структури зад големата идеја на Македонија. Повикувам на дополнително обновување на меѓусебната почит и на разбирање помеѓу политичките партии. Тие не смеат да бидат непријатели и мораат да бидат конкуренти кои имаат иста цел. Македонија е нашата заедничка цел. Предолго народот е заложник на една ваква непринципиелна политика – рече Вељаноски во говорот по повод националниот празник Илинден.

Тој рече дека Македонија, повеќе од една година е предмет на еден непринципиелен политички однос кој ги разградува нејзините државотворни темели и под константен притисок за неправедна промена на основните начела на кои почива современата претставничка демократија.

– Моќта на граѓаните дадена на избори е под константен притисок и гласот на граѓаните даден на избори е во фаза на континуирана релативизација и на обезвреднување. Сепак, наспроти сé, денес овој основен демократски постулат е под закана. Во жарот на политичката битка, опиени од желбата за власт – за жал, постојат личности кои на грбот на народот настојуваат да ја приграбат Македонија. Мораме да бидеме јасни и недвосмислени и да кажеме: Доста е! Македонија не беше градена за да се растури – истакна Вељаноски.

Тој рече дека е време се престане тормозењето на народот и да направи сé, оваа криза во која е втурната Македонија, да заврши што поскоро, да му се врати мандатот на народот, кој е единствениот праведен судија.