Дописници Вечер на Европската унија на „Охридско лето“

Вечер на Европската унија на „Охридско лето“

На програмата на фестивалот „Охридско лето“, вечерва е традиционалната Вечер на Европската унија.

Во катедралната црква „Св. Софија“, ќе настапат харфистката Мојца Злобко Вајгл, младата флејтистка Ева-Нина Козмус и виолончелистката Кармен Печар.

Харфистката Мојца Злобко Вајгл се вбројува меѓу водечките музичари во Словенија, со богата интернационална кариера како солист и како камерен изведувач. Дипломирала на Музичката академија во Љубљана, а своите постдипломски студии ги завршила на Академијата за музика и за театар во Хамбург.

Младата флејтистка Ева-Нина Козмус, иако има само  21 година, веќе е носител на голем број национални и интернационални награди и признанија, меѓу кои и наградата „Евровизиски млад музичар“ што ја добила во 2010 година. Во моментов е на додипломски студии на Националниот конзерваториум за музика и танц во Лион, Франција.

Виолончелистката Кармен Печар на 13-годишна возраст, дебитира како солист со Словенечката филхармонија. Досега соработувала со голем број еминентни диригенти, изведувачи и оркестри, настапувајќи на некои од најпрестижните сцени во светот. Неколку години работела како асистент на својот професор – виолончелистот Валтер Дешпаљ, на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а моментално работи како професор по виолончело на Конзерваториумот за музика и танц во Љубљана.