Спорт Вардар меѓу најдобрите осум екипи во Европа

Вардар меѓу најдобрите осум екипи во Европа

Вардар не успеа да се пласира во финалната четворка во Келн, откако загуби од Киелце и во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите со 33-31. Нијанси беа во прашање и на вториот натпревар меѓу двете екипи, македонскиот тим постојано им дишеше во врат на Полјаците, на мечот дури 11 пати беше нерешено, но онаа ситница која треба за завршниот исчекор – ја немаше, пренесе „Спортмедиа“ (спортмедиа.мк).

Второто полувреме беше подобро за „вардарци“, тогаш дадоа сѐ од себе за да го стигнат минималното, но константно водство на Киелце. Имаше шест-седум напади за да поведе, но секогаш нешто се случуваше, или техничка грешка или одбрана на Славомир Шмал за топката да не влезе во мрежа.

По 16-14 за Полјаците на паузата, почнаа поубедливо и дојдоа до 19-16 по неколку минути игра, но вистинската борба почна по 40. минута, кога Вардар изедначи на 22-22. Оттогаш се играше гол за гол, важен беше секој милиметар и секоја секунда, но среќата не го посака македонскиот тим, дури ни во ситуација кога Киелце имаше еден, па и двајца исклучени играчи. Беше 29-29 во 56. минута и 30-30 во 58., но Киелце и овојпат ги запре нападите за водство за да го трасира патот за Келн.

Во првиот дел Вардар имаше кратко водство, со 4-3 и 5-4 до 10. минута, но направи премногу технички грешки во продолжението (вкупно осум во првото полувреме) и му дозволи на Киелце да поведе, а потоа да дојде и до три разлика, со 10-7 и 11-8, сепак на паузата негативата беше два гола (14-16).

Алекс Душебаев беше најефикасен на мечот со девет гола, Игор Карачиќ постигна осум, колку и Карол Бјелецки, првиот стрелец на Киелце. Вардаровите голмани имаа по шест интервенции, а Славомир Шмал, кој бранеше само во вториот дел, одбрани шест удари, од кои два пенали.

Киелце ќе учествува во полуфиналето во Келн, на 31 мај и на 1 јуни, заедно со Барселона и со победниците од мечевите Веспрем – ПСЖ и Кил – Пик Сегед.