Главна секција Ван Ромпуј: Завршете ги реформите и ќе бидете пречекани со раширени раце

Ван Ромпуј: Завршете ги реформите и ќе бидете пречекани со раширени раце

Херман ван Ромпуј, првиот претседател на Европскиот Совет, поранешен премиер на Белгија и актуелен претседател на Советот на Колеџот на Европа во Бриџ, во интервју за „Јуропиан Вестерн Балканс“ иако вели дека отворено го поддржува почнувањето преговори за членство на Македонија и Албанија во ЕУ, предупредува дека земјите мора да работат за да ги усвојат и спроведуваат стандардите на ЕУ во секој аспект. Успехот во тоа ќе доведе да бидете пречени во ЕУ со раширени раце, објаснува тој.

– Јас лично сум приврзаник на идејата за отворање преговори со двете земји. Можеби ќе им овозможам на вашите читатели некаков увид и разбирање за причините за резервираноста кај некои ако појаснам колку е важна ЕУ за Белгија. За Белгија, и верувам многу други членки на ЕУ го споделуваат овој став, интегритетот на ЕУ и нејзиниот постојан успех е најважниот приоритет во надворешната политика. Тоа значи дека принципите како што се владеењето на правото, силните демократски институтции и основните вредности, како слободата на изразување, треба да останат во центарот на она што е ЕУ. Нормално е што сме заштитнички ориентирани кон постигнатото и сме строги (но правични) во поглед на земјите-аспирантки за членство во ЕУ. Посочувајќи на тоа, јас останувам оптимист и верувам дека земјите од Западен Балкан ќе создадат политичка волја да го прифатат нашиот Acquis Communautaire во целост и да се приклучат на ЕУ – вели Ван Ромпуј, прашан дали резервираноста на некои членки на ЕУ кон Северна Македонија и Албанија е оправдана.

На прашањето каква порака ќе упати ЕУ кон Западен Балкан ако не даде зелено светло за отпочнување на преговорите со Северна Македонија, Ромпуј повторува дека се неопходни суштински реформи.

– Земјите од Западен Балкан треба да се фокусираат на својот пат и сопствениот прогрес како општество. Со право многу пати било повторувано од многу лидери дека реформите што се преземаат не треба да се реализираат само заради ЕУ-интеграциите, туку и за лични придобивка. Реформите што се бараат од страна на ЕУ треба да се спроведат, прво и основно, поради самите вас, граѓаните на Западен Балкан, кои ќе имаат бенефити од подоброто владеење и коректното спроведување на демократските правила и регулативи. Процесот на ЕУ-интеграциите не е само работа на површно штиклирање точки, туку сеопфатна трансформација на општеството, која всушност ќе ви донесе полза. Кога овој процес ќе се заврши и заокружи, ве уверувам дека ќе бидат пречекани во ЕУ со раширени раце – вели Ван Ромпуј.