Македонија Во Белград ќе се потпише договор за мегапроектот „Брза пруга“

Во Белград ќе се потпише договор за мегапроектот „Брза пруга“

На Самитот во Белград, Кина собра 16 земји од Jугоисточна и од Централна Европа. Во фокусот се проекти од инфраструктурата, енергетиката, земјоделството, индустријата, туризмот и од транспортот.

Утре ќе биде потпишан договор за мегапроектот за брза пруга од Белград и од Будимпешта, транзитно низ Македонија, па сè до Атина. Според планот, пругата треба да биде завршена за две години, а од Белград до Будимпешта ќе се стигнува за час и половина.

„Тоа е потенцијално многу важен проект за Србија. Тука не станува збор само за поврзување на Истокот и на Западот, туку што преку Србија се влегува во ЕУ“, изјави Зорана Михајловиќ, потпретседателка на Владата на Србија.

На големиот самит во српската престолнина се најавени 5.000 гости, од кои 700 се бизнисмени од Кина, кои од вчера ги скенираат српските претпријатија. Кина на маса стави и други проекти – изградба на индустриска бесцаринска зона, две термоелектрани, мостови, обиколница во Белград и пристаниште на Дунав – инвестициски пакет вреден 10 милијарди долари.